Целта на проектот е воспоставување на истражувачка платформа врз која ќе може да се тестираат различни методологии за зголемување на достапноста на интернет поврзувањето.
Платформата треба да обезбеди директно поврзување помеѓу повеќе интернет сервис провајдери и мрежата на УКИМ, со цел изведување на експерименти и тестирање на решенија за подобрување на достапноста на електронските сервиси кои Универзитетот ги нуди на своите корисници посебно во случаите кога тие пристапуваат до овие сервиси во домашни услови.
Врз основа на направените анализи и истражувања, во чиј фокус е начинот и фреквенцијата на пристап на студентите до електронските содржини што ги нуди Универзитетот, утврдена е потребата за реализација на ваквиот проект кој треба да овозможи подигнување на нивото на SLA (со мерка достапност) кое се обезбедува за корисниците на многу повисоко ниво посебно во случаи кога падот на сервисот е поради проблеми со поврзувањето, а не поради проблеми со стабилноста и одржувањето на сервисот.
Со својата техничка и кадровска опременост, Компјутерските центри на ФИНКИ и на УКИМ имаат капацитет за реализација на еден ваков проект. Преку воспоставувањето на платформата, се очекува привлекување на поголемиот дел од интернет провајдерите во земјата и регионот кои исто така би требало да имаат бенефит од ваквиот вид на постава посебно во поглед на тоа дека студентите на УКИМ претставуваат значаен дел од нивните секојдневни корисници кои генерираат сообраќај во мрежата.